Модул 1 од експертската обука за системи за управување со енергија развиена и сертифицирана од страна на UNIDO

февруари 06, 2020 | Nga Milena Manova Ilikj

Канцеларијата на Регионалниот центар за животна средина во Република Северна Македонија и Организацијата за индустриски развој на Обединетите нации (UNIDO), во рамките на проектот финансиран од Глобалната програма за животна средина (GEF) „Поттикнување на пазарната трансформација за индустриска енергетска ефикасност и забрзување на инвестициите во најдобрите достапни практики и технологии“ од 4-7 февруари спроведува 4-дневна обука за фазата ПЛАНИРАЊЕ од процесот на спроведување на Систем за управување со енергија (СУЕ), што претставува Модул 1 од експертската обука за системи за управување со енергија развиена и сертифицирана од страна на UNIDO. Обуката се одржува, во просториите на Урбаната заедница „Пецо Божиновски – Кочо“, при Општина Карпош. На обуката присуствуваа претставници од Агенцијата за енергетика, Владата на Република Северна Македонија, Балкан Енерџи Груп (БЕГ), ЕВН и други.

Опфатот на оваа 4-дневна експертска обука се состои од првиот од вкупно три модули – ПЛАНИРАЊЕ, кој претставува најважна компонента од методологијата на UNIDO. Овој модул ги покрива: собирањето на податоци за потрошувачката на енергија, значајни потрошувачи на енергија, статистички регресии, модели, листи на потенцијални мерки за заштеда и дефинирање на опфатот на заштедите на енергија. Оваа обука придонесува кон подигање на свеста за придобивките од воведувањето на системи за управување со енергија во индустријата во Република Северна Македонија.

Со помош на проверениот пристап „планирај-спроведи-провери-делувај“, кој е дел од светски признаените стандарди за квалитет и управување со животната средина како ISO 9001 и ISO 14001, стандардот за СУЕ го следи принципот на планско и континуирано подобрување. Стандардот за СУЕ овозможуваат интеграција на енергетската ефикасност и оптимизацијата на системите во секојдневното работење на компаниите во индустријата, како и континуирано подобрување на енергетските перформанси.

Стандардот за управување со енергија на високо ниво ја поврзува деловната логика на управувањето со енергија со профитниот мотив на компаниите преку намалувањето на оперативните трошоци, зголемената продуктивност, усогласувањето со регулативата од областа на животната средина и подобрувањето на конкурентноста.

Методологијата за воведување на системи за управување со енергија на UNIDO е докажано ефективна алатка за постигнување на одржливо подобрување на енергетската ефикасност во индустријата. Овој пристап, кој се темели на проверени начела на добар менаџмент се фаќа во костец и со проблемот на опаѓачката ефикасност на веќе оптимизираните системи со заминувањето на веќе обучени кадри и надградбите и измените на производните процеси.

Обучувачи во текот на настанот беа г-дин Мирко Ристевски, дипл. ел. инж. и ас. проф. д-р Ана Лазаревска, дипл. маш. инж.

: 897 views