Писмо за соработка со Агенција за енергетика

март 18, 2019

Регионалниот центар за животна средина – Канцеларија во Македонија (РЕЦ) и Агенцијата за енергетика на Република Северна Македонија на ден 14.03.2019 година потпишаа Писмо за соработка преку кое ќе се продолжи понатамошна промоција на енергетската ефикасност во индустријата. Соработката се одвива во рамките на проектот "Поттикнување на пазарната трансформација за енергетска ефикасност во индустријата и забрзување на инвестициите во најдобри практики и технологии" (Проектот), кој заеднички се спроведува од Организација за индустриски развој на Обединети Нации (УНИДО) и РЕЦ.

Писмото за соработка беше потпишано од страна на директорот на Агенцијата за енергетика на Република Северна Македонија г-дин Нехри Емрула и проектниот раководител од РЕЦ, г-а Емилија Божиновска, во присуство на повеќе претставници од двете страни.

Директорот на Агенцијата за енергетика на Република Северна Македонија, г-дин Нехри Емрула, ја поздрави иницијативата за заедничко спроведување на активности за промоција и поттикнување на енергетската ефикасност кај индустриските компании од Република Северна Македонија, преку воспоставување на платформа за дисеминација на најдобри практики и организирање на заеднички настани за промоција на енергетската ефикасност. Тој, исто така, ја изрази и заинтересираноста и подготвеноста на Агенцијата во реализација на активностите предвидени во рамките на Проектот и одговорностите на Агенцијата предвидени во новиот Закон за енергетска ефикасност.

: 805 views