Претставување на Студијата за валоризација на Дојранското Езеро

Претставување на Студијата за валоризација на Дојранското Езеро

септември 18, 2018 | Nga Milena Manova Ilikj


Поврзани документи

Од 12-13 септември 2018 год. во просториите на Хотел Романтик, Стар Дојран, Регионалниот центар за животна средина – Канцеларија во Македонија реализираше настани со различни заинтересирани страни и претставници на локалното население за претставување детали и доуредување на Студијата за валоризација на Дојранското Езеро.

Имено, на 12 септември 2018 год. (среда) се одржа работилница со заинтересирани страни (претставници на локалната самоуправа, претставници на ловни, риболовни и спортски друштва, концесионер со рибен фонд, претставници од индустријата, комерцијалниот сектор, туризмот и угостителството, земјоделци, граѓански активисти) под наслов: „Оценување на управувањето со Споменикот на природата Дојранско Езеро“, на којашто учесниците дискутираа за Заканите по заштитеното подрачје, со препораки за идно подобрување и приоритети на делување за унапредување во управувањето со заштитеното подрачје. Во текот на работилницата се примени т.н. МЕТТ (Management Efficiency Tracking Tool) алатка на Светска Банка и Светскиот фонд за дивиот свет, за утврдување на ефикасноста во управувањето со заштитените подрачја.

На 13 септември 2018 год. (четврток) од 16.00 ч во Конференциската сала на Хотел „Романтик“, Стар Дојран, се одржа Јавна презентација на клучните наоди од Студијата за валоризација на природните вредности на Дојранското Езеро, на којашто локалните жители од Стар и Нов Дојран и с. Николиќ можеа да се запознаат со:

    Живеалишта од посебно значење за заштита и унапредување и нивна дистрибуција

    Оценка на природните вредности за различни таксономски групи со мапи на дистрибуција

    Предлог граници на подрачјето, зоните и режимите за заштита и управување со заштитеното подрачје.

Средбите се реализираа во рамки на проектот: Развивање на капацитети за одржливост на Дојранското Езеро – фаза 2, што го спроведува Регионалниот центар за животна средина (РЕЦ) – Канцеларија во Македонија, со поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) и група експерти, во рамки на Програмата за инвестиции во животната средина на МЖСПП.

Нарачател на Студијата е Општина Дојран како надлежна административна единица за управување со Споменикот на природата – Дојранско Езеро. Студијата е во претфинална фаза и по завршувањето на периодот од еден месец отстапен за прибирање коментари и забелешки (од утре, 19.09.2018 год. ќе биде достапна на официјалната веб страна на општината и во печатена верзија за увид во просториите на општината) од страна на јавноста, и по нивното усвојување, Општина Дојран ќе ја предаде на МЖСПП за финално усвојување.

: 881 views