УНИДО експертска обука за спроведување на Систем за управување со енергија (ЕнМС), Модул 1 – Планирање, во согласност со ISO 50001

јуни 18, 2018 | Nga Jozhe Jovanovski

Во периодот од 18-21 јуни 2018 година во просториите на РЕЦ Македонија се одржува експертска обука за спроведување на Систем за управување со енергија (ЕнМС) – Модул 1 – ПЛАНИРАЊЕ, во согласност со УНИДО Методологијата и ISO 50001 (GEF – UNIDO EnMS USER Training Programme), која се спроведува во рамките на ГЕФ – УНИДО проектот “Поттикнување на пазарната трансформација за енергетска ефикасност во индустријата и забрзување на инвестициите во најдобри практики и технологии”. Обуката е дел од програмата за репликација на ЕнМС што се спроведува во соработка со ЕВН Македонија во неколку компании во Република Македонија.

 

Стандардите за управување со енергија претставуваат докажана ефективна алатка за воведување на одржлива енергетска ефикасност во индустријата. Исто така, одржливоста на енергетски ефикасни практики претставува предизвик за индустријата, бидејќи повеќето оптимизирани системи ја губат нивната почетна ефикасност со тек на време, најчесто како резултат на промени во вработените и производството.

 

Со употреба на добропознатиот пристап на „планирај-направи-провери-реагирај“ интегриран во светски признаените стандарди за системи за управување со квалитет и животна средина како ISO 9001 и ISO 14001, стандардите за управување со енергија претставуваат плански и сеопфатен водич, особено за индустриските постројки. Стандардите за управување со енергија овозможуваат интегрирање на енергетската ефикасност и оптимизирање на системите во секојдневното работење на индустриските постројки, како и континуирано подобрување на енергетските перформанси.

 

Стандардите за управување со енергија силно ги поврзуваат бизнис логиката за управување со енергија и основните профитни интереси на компаниите преку намалување на секојдневните оперативни трошоци, зголемена продуктивност, еколошка усогласеност и одговорност, како подобрена глобална конкурентност.

 

Целта на четиридневната обуката е разработување на првиот модул од трите експертски модули – ПЛАНИРАЊЕ, кој е еден од најважните модули, со кој, на претставниците од компаниите ќе им се претстави УНИДО методологијата (алатникот), особено во делот на методологијата, собирањето податоци за потрошувачка на енергија, значајните потрошувачи, регресивни анализи, модели, листа на можни мерки за заштеда и дефинирање на целта за заштеда на енергија.

Оваа обука ќе придонесе кон градењето на националните капацитети за спроведување на систем за управување со енергија во индустријата. На обуката присуствуваат околу 15 учесници од различни индустриски сектори и од Министерството за економија.

Предавачи на обуката се УНИДО квалификуваните ЕнМС експерти, Г. Мирко Ристевски, дипл. елек. инж. и вон. проф. д-р Ана Лазаревска, дипл. маш. инж.

: 839 views