Консултативна средба за Студија за Валоризација на Дојранско Езеро

април 23, 2018 | Nga Milena Manova Ilikj

На 18 април 2018 год. (среда) во просториите на Канцеларијата на РЕЦ во Македонија се одржа состанок за усогласување на ставовите околу содржината на одредени делови од нацрт Студијата за валоризација на Дојранското Езеро, што се изготвуваше во рамки на проектот: Развивање на капацитети за одржливост на Дојранското Езеро, со поддршка на Фондот на партнерства за загрозени екосистеми (CEPF – Critical Ecosystem Partnership Fund). Проектот го спроведуваше Регионалниот центар за животна средина за Централна и Источна Европа (РЕЦ) – Канцеларија во Македонија, во периодот од јануари 2014 год. – до мај 2017 год.

Целта на состанокот беше да се претстават и дискутираат сублимираните резултати од клучните наоди на посебните истражувања на експертскиот тим ангажиран за изготвување на Студијата, со цел да се утврдат евентуални недостатоци и потреби за доуредување на предлог надворешните граници на заштитеното подрачје и посебните зони за заштита и управување со Дојранското Езеро.

Поздравни обраќања имаа претставниците на двата надлежни органи – МЖСПП како единствен орган на државната управа за заштита и унапредување на природата и Општина Дојран како орган надлежен за управување со Споменикот на природа – Дојранско Езеро (согласно закон), односно г. Влатко Трпески, Раководител на Секторот за природа (МЖСПП) и г. Анго Ангов, Градоначалник на Општина Дојран.

Во воведниот дел беше дадена и куса ретроспектива на настаните во процесот на изготвување на нацрт Студијата за валоризација на Дојранското Езеро од 2016/2017 год. и општите забелешки од Дописот упатен од страна на МЖСПП по основ на доставената нацрт Студија (11-1502/2 од 12.04.2017 г.) што требаше да бидат појдовна основа за реализирање на ваков состанок една година претходно.

Продолжувањето на постапката до усвојување на Студијата за валоризација на Д Е се реализираат со поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), преку Инвестиционата програма за животна средина (2018 г.).

: 427 views