УНИДО корисничка обука за спроведување на Систем за управување со енергија (ЕнМС)

април 04, 2018

EnMS user training


Поврзани документи

На 29ти и 30ти март 2018 година во просториите на РЕЦ Македонија се одржа корисничка обука за спроведување на Систем за управување со енергија (ЕнМС) во согласност со УНИДО Методологијата и ISO 50001 (GEF – UNIDO EnMS USER Training Programme). Обуката се спроведе во рамките на ГЕФ – УНИДО проектот “Поттикнување на пазарната трансформација за енергетска ефикасност во индустријата и забрзување на инвестициите во најдобри практики и технологии”, како дел од програмата за репликација на ЕнМС што се спроведува во соработка со ЕВН Македонија во неколку компании во Република Македонија.

Стандардите за управување со енергија претставуваат докажана ефективна алатка за воведување на одржлива енергетска ефикасност во индустријата. Исто така, одржливоста на енергетски ефикасни практики претставува предизвик за индустријата, бидејќи повеќето оптимизирани системи ја губат нивната почетна ефикасност со тек на време, најчесто како резултат на промени во вработените и производството.

Со употреба на добро познатиот пристап на „планирај-направи-провери-реагирај„ интегриран во светски признаените стандарди за системи за управување со квалитет и животна средина како ISO 9001 и ISO 14001, стандардите за управување со енергија претставуваат плански и сеопфатен водич, особено за индустриските постројки. Стандардите за управување со енергија овозможуваат интегрирање на енергетската ефикасност и оптимизирање на системите во секојдневното работење на индустриските постројки, како и континуирано подобрување на енергетските перформанси.

Стандардите за управување со енергија силно ги поврзуваат бизнис логиката за управување со енергија и основните профитни интереси на компаниите преку намалување на секојдневните оперативни трошоци, зголемена продуктивност, еколошка усогласеност и одговорност, како подобрена глобална конкурентност.

Целта на корисничката обука беше запознавање со Системот за управување со енергија, придобивките од спроведувањето на ЕнМС, градење на посветеноста на менаџментот и на вработените за ЕнМС, дефинирање на границите и опсегот на системот и запознавање со УНИДО методологијата (алатникот) за спроведување на ЕнМС во согласност со ISO 50001.

Оваа обука допринесе кон градењето на националните капацитети за спроведување на систем за управување со енергија во индустријата. На обуката присуствуваа вкупно 18 учесници од различни индустриски сектори и од Министерството за економија.

Предавачи на обуката беа УНИДО квалификуваните ЕнМС експерти, Г. Мирко Ристевски, дипл. елек. инж. и вон. проф. д-р Ана Лазаревска, дипл. маш. инж.

Во рамки на циклусот на ЕнМС обуки, следната обука за Модулот – планирање е предвидено да се одржи во мај 2018 година.

: 301 views