Корисничка обука за спроведување на Систем за управување со енергија (ЕнМС)

март 26, 2018

Поврзани документи

На 29ти и 30ти март 2018 ќе се одржи корисничка обука за спроведување на Систем за управување со енергија (ЕнМС) во согласност со УНИДО Методологијата и ISO 50001 (GEF – UNIDO EnMS USER Training Programme), која се спроведува во рамките на проектот “Поттикнување на пазарната трансформација за енергетска ефикасност во индустријата и забрзување на инвестициите во најдобри практики и технологии”.

Стандардите за управување со енергија претставуваат докажана ефективна алатка за воведување на одржлива енергетска ефикасност во индустријата. Исто така, одржливоста на енергетски ефикасни практики претставува предизвик за индустријата, бидејќи повеќето оптимизирани системи ја губат нивната почетна ефикасност со тек на време, најчесто како резултат на промени во вработените и производството.

Со употреба на добро познатиот пристап на „планирај-направи-провери-реагирај„ интегриран во светски признаените стандарди за системи за управување со квалитет и животна средина како ISO 9001 и ISO 14001, стандардите за управување со енергија претставуваат плански и сеопфатен водич, особено за индустриските постројки. Стандардите за управување со енергија овозможуваат интегрирање на енергетската ефикасност и оптимизирање на системите во секојдневното работење на индустриските постројки.

Стандардите за управување со енергија силно ги поврзуваат бизнис логиката за управување со енергија и основните профитни интереси на компаниите преку намалување на секојдневните оперативни трошоци, зголемена продуктивност, еколошка усогласеност и одговорност, како подобрена глобална конкурентност.

Целта на корисничката обука е запознавање со Системот за управување со енергија, придобивките од спроведувањето на ЕнМС, градење на посветеноста на менаџментот и на вработените за ЕнМС, дефинирање на границите и опсегот на системот и запознавање со УНИДО методологијата (алатникот) за спроведување на ЕнМС во согласност со ISO 50001. Преку оваа обука ќе се изградат национални капацитети за спроведување на енергетска ефикасност во индустријата.

Предавачи на обуката ќе бидат УНИДО квалификуваните ЕнМС експерти, Г. Мирко Ристевски, дипл. елек. инж. и Вон. Проф. Д-р Ана Лазаревска, дипл. маш. инж.

: 515 views