Воведен состанок за проект „Цели за одржлив развој на Западен Балкан“

март 01, 2018


Поврзани документи

На 28 февруари 2018 год. (среда) во просториите на Канцеларијата на РЕЦ во Македонија се одржа воведен состанок за претставување на регионалниот проект: „Цели за одржлив развој на Западен Балкан“.  Земји кориснички во рамки на проектот се  Република Македонија, Албанија и Црна Гора.

Целта на проектот е да им помогне на земјите во нивните напори за приближување кон барањата на Агендата 2030 преку обезбедување техничка помош во донесувањето на Одлука за приоритетните Цели за одржлив развој (ЦОР) на национално ниво, како и поддршка при дефинирањето на национални индикатори за сите потцели за приоритетните ЦОР.

Целта на состанокот беше да вклучи учесници од сите релевантни министерства и национални институции и да поттикне дискусија за Целите за одржлив развој на Обединетите Нации (UN SDGs), врз основа на:

  • досегашните достигнувања во делот на спроведувањето на Целите за одржлив развој во Република Македонија и
  • очекувани активности за реализација на национално ниво, за периодот од 2018 - 2020 година.

На состанокот присуствуваа претставници од следните институции/организации:

  • Министерство за труд и социјална политика,
  • Министерство за финансии,
  • Министерство за транспорт и врски,
  • Министерство за образование и наука,
  • Министерство за животна средина и просторно планирање,
  • Министерство за надворешни работи,
  • МАНУ,
  • Економски институт, Скопје
  • УНДП – Сектор за координација со ОН,
  • Државен завод за статистика и
  • НВО секторот.

Учесниците на состанокот се и членови на техничката работна група за одржлив развој, основана од страна на Кабинетот на Заменик Претседателот на Владата на Република Македонија (ЗПВРМ) задолжен за економски прашања, или се експерти кои работеле на претходни активности со оваа институција.

Проектот којшто ќе се спроведува во следните 2 - 3 години, се реализира со Финансиската поддршка на Програмата за советодавна помош (AAP) за заштита на животната средина на германското Федерално Министерство за животна средина (BMUB), наменета за земјите од Централна и Источна Европа, Кавказ и Централна Азија и други земји соседи на Европската Унија. Спроведувањето на проектот го надгледува германската Агенција за животна средина (UBA).

: 816 views