Регионална конференција за заштита на езерата, на тема: "Човечки напредок во склад со природните вредности"

декември 15, 2016

Регионалниот центар за животна средина за Централна и Источна Европа (РЕЦ) – Канцеларија во Македонија од 15-16 декември 2016 год. во Хотел “Романтик“, Стар Дојран, организира Регионална конференција за заштита на езерата, на тема: „Човечки напредок во склад со природните вредности“, како завршен настан во рамки на проектот: “Развивање на капацитети за одржливост на Дојранското Езеро“ со финансиска поддршка на Фондот на партнерства за загрозени екосистеми (CEPF) со седиште во Вашингтон, САД. Целта на конференцијата е заинтересирани страни од области поврзани со управувањето, заштитата и унапредувањето на водните ресурси и езерата како значајни водни екосистеми, да дискутираат и предлагаат практични и одржливи решенија за интегрирано управување со водните ресурси кои се од суштинско значење за животот и одржувањето на биолошката разновидност на екосистемите. РЕЦ како организација чијашто стратегија е ориентирана кон резултати, во својата тематска област – Управување со води, го промовира пристапот на интегрирано управување со водни ресурси, вклучително и заштитата на води од аспект на квалитет и квантитет, прилагодувањето кон климатските промени и меѓусекторската интеграција, на тој начин земајќи го во предвид мислењето на повеќе различни заинтересирани страни, нивните интереси и загриженост. На претстојната конференција, РЕЦ ќе обезбеди исклучителни говорници и панелисти, чија цел ќе биде да поттикнат дискусија и да ја вклучат широката публика во насока кон позитивно размислување и иновативни решенија, така што ќе се осврнат на следните тематски содржини: 1. Визија за интегрирано управување со заштитени езера 2. Улогата на науката во интегрираното управување со езерата 3. Улогата на непрофитните организации, волонтерите и наставниците за одржување на животот на езерата 4. Одржливи економски активности во подрачјето околу заштитените езера 5. Институционални и финансиски механизми за управување и заштита на слатките води Регионалната конференција е вистинска можност за учесниците, да ги споделат своите гледишта, да дискутираат и постигнат заедничко разбирање за заедничката визија во врска со слатководните ресурси, со што ќе придонесат за постигнување на идните очекувања на индивидуалци, експерти, граѓани и промотери на одржливото живеење.

: 1,135 views