Одржана манифестација “Во Дојранското езеро има живот“

февруари 26, 2016

Канцеларијата на РЕЦ во Македонија во соработка со О.У Кочо Рацин од Нов Дојран на ден 26 февруари 2016 год. во О.У Кочо Рацин во Нов Дојран ја организираше едукативната натпреварувачка манифестација со интерактивен карактер “Во Дојранското Езеро има живот“ Оваа манифестација се спроведе како дел од активностите на проектот: “Развивање на капацитети за одржливост на Дојранското Езеро“, што се спроведува со финансиска поддршка на Фондот на партнерства за загрозени екосистеми (CEPF), со седиште во Вашингтон, САД. Манифестацијата насловена Во Дојранското Езеро има живот, имаше за цел да помогне и да ја зголеми свеста кај најмладите жители на општина Дојран како и нивните наставници за воспоставување на редовен едукативен систем за жителите од околината на Дојранското Езеро во согласност со меѓународните позитивни практики за соодветна едукација на населението кое живее во заштитени подрачја, преку вклучување на сите заинтересирани ученици и родители од општината Дојран. На манифестацијата учествуваа околу 100 ученици од 1-9 одделение од основните училишта од Стар и Нов Дојран, како и од ученици од основното училиште од с.Николиќ и с. Фурка. Наставниците од училиштата во улога на ментори ги водеа учениците низ едукативните игри од натпреварувачки карактер, преку решавање на зададени проблеми од кои произлегоа одржливи решенија за заштита на севкупниот жив свет во Дојранското Езеро. За реализација на игрите беа користени едукативните помагала Зелен пакет и Зелен пакет Јуниор, коишто се влезени како задолжителен ресурс во програмата по биологија и природни науки. За секоја од категориите по одделение беа обезбедени прва, втора и трета награда за најдобрите ученици, кои беа оценувани од посебна комисија која ја следеше работата на групи. Исто така комисијата додели награда и за најдобар наставник-ментор.

: 1,439 views