Обуката на тема „Спроведување на законодавството за животна средина и криминал во животната средина“ се одржа во периодот од 22 до 24 ноември 2016 година во хотел „Епинал“, Битола. Оваа активност е во рамки на проектот: “Промовирање на регионална соработка во Југоисточна Европа преку воспоставување на мрежа на надлежни институции одговорни за животна средина и правда (THEMIS мрежа)“, којшто се спроведува од страна на Регионалниот центар за животна средина за Централна и Источна Европа (РЕЦ), со финансиска поддршка на програмата на Австриската развојна соработка (Аustrian Development Coopеration, ADC).
На обуката беа поканети и присуствуваа околу 40 учесници, меѓу кои: меѓународни експерти со долгогодишно искуство во областа од Австрија, Белгија и од Хрватска, претставници од Европските здруженија на јавни обвинители и судии за животна средина (преку видео врска), како и национални претставници од повеќе релевантни институции и од граѓанскиот сектор: Државен инспекторат за животна средина, Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерство за внатрешни работи, ИНТЕРПОЛ, Царинска управа на Република Македонија, Јавни обвинители и Судии, Граѓанскиот сектор, претставници од експертската област и од високото образование.
Темите на обуката се утврдија спрема Дневниот ред. Интерактивните презентации и дискусиите им овозможија на учесниците учење, размена на искуства, меѓусебно поврзување и вмрежување. Презентациите и дискусиите дадоа осврт на:
• правосудниот систем во Република Македонија - преглед на постапките за криминал во животната средина,
• искуства на европско ниво од експерти од Белгија, Австрија и Хрватска,
• форензички анализи и опременост на лаборатории,
• анализи на случаи за криминал во животната средина,
• можностите за вмрежување на македонските институции во соодветни организации во Европа.
Покрај презентациите и релевантните диксусии, учесниците практикуваа и работа во три групи, со цел идентификација на недостатоците и слабостите во тековните практики во нашата земја и предлози за нивно надминување. Од работните групи, но и врз основа на претходните презентации и дискусии, произлегоа конкретни препораки и заклучоци, кои можат да придонесат за подобрување на соработката за заедничко делување во насока на спречување на криминал (вклучително и организиран криминал) во животна средина. Од препораките и заклучоците прозлегуваат потребите за следни конкретни активности, како на пример подигање на јавната свест за криминалот во животната средина, вмрежување и формирање на Национално тело за безбедност на животната средина (NEST), приклучување кон Асоцијациите на „зелени“ судии и „зелени“ јавни обвинители во Европа итн.
Сите учесници го поздравија и поддржаа одржувањето на ваквиот тип на обуки, како вовед во еден посеопфатен процес што би вклучил: обука за подигање на знаењето и свеста на институциите и јавноста во однос на препознавање, процесуирање и решавање на случаи од областа на криминалот во животната средина. Учесниците беа задоволни од одличната организација и работа на РЕЦ, Канцеларијата во Македонија, како од изборот на темите, така и од партиципативниот пристап кој овозможи вклучување на сите релевантни чинители.
Препораките и заклучоците што произлегоа од обуката се структурирани во три групи, согласно исходот од дискусиите:
• формирање на Национално тело за безбедност во животна средина во Република Македонија (NEST),
• потребите и видувањата на јавните обвинители
• потребите и видувањата на судиите.
Обука на тема „Спроведување на законодавството за животна средина и криминал во животната средина“
ноември 24, 2016




